Општина Гази Баба објави јавен повик за доделување субвенции за набавка на инвертер клима уреди, со кој граѓаните можат да добијат поврат на средства во висина до 50 отсто од вредноста на купениот уред, но не повеќе од 20.000 денари.
Право на учество имаат жителите на општината кои во текот на 2026 година ќе купат инвертер клима за потребите на своето домаќинство. Од општината појаснуваат дека право на субвенција немаат домаќинствата кои се приклучени на градско централно греење, без разлика дали го користат системот или не.
Дополнителен услов е барателот да користи стар систем за греење на дрва, јаглен, нафта или мазут, кој по одобрување ќе треба да го предаде на општината. Инвертер климата мора да има коефициент COP најмалку 5, да работи на температури до минус 15 степени и да биде со најмалку А+ енергетска класа.
За аплицирање потребно е да се достави комплетна документација, вклучувајќи фискална сметка или фактура, фотографија од постојниот уред за греење, како и нотарски заверена изјава и другите документи наведени во јавниот повик.
Барањата се поднесуваат во архивата на Општина Гази Баба на улица „Архимедова“ број 2, секој работен ден од 07:30 до 16:30 часот.
Од општината ги повикуваат граѓаните да ја искористат оваа мерка за поекономично и поеколошко затоплување на нивните домови.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












