Во Холандија е регистриран првиот случај на евтаназија на неизлечиво болно дете, откако на почетокот на 2024 година стапија во сила новите законски правила што ја дозволуваат оваа постапка, соопшти министерката за јавно здравје Софи Херманс.
Во писмо упатено до парламентот, Херманс наведе дека специјалната комисија за евалуација на евтаназија кај деца го разгледала случајот, разговарала со лекарот кој ја спровел постапката и ги доставила наодите до Јавното обвинителство, кое ќе утврди дали се постапувало согласно законот, пренесува NL Times.
Министерката не објави информации за возраста на детето, ниту за видот на болеста. Според правилата донесени во 2024 година, евтаназија е дозволена кај деца на возраст од една до 12 години со неизлечиви болести, со согласност од родителите и по проценка дека не постојат други начини за ублажување на страдањето.
Мерката се однесува на деца со тешки и фатални заболувања, вклучително и случаи со сериозни вродени аномалии и метаболички нарушувања.
Пред воведувањето на новата регулатива, евтаназијата во Холандија беше дозволена за новороденчиња и лица над 12 години, додека за децата меѓу една и 12 години се применуваа исклучиво палијативна нега и мерки за ублажување на симптомите.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:











