Нова политичка пресметка меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се отвори по обвинувањата што опозициската партија ги упати кон генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев, на што владејачката партија возврати со контраобвинувања кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Од СДСМ на прес-конференција соопштија дека Јанушев е поврзан со компанија регистрирана во Бугарија, повикувајќи се на документи објавени во бугарски медиуми. Според нив, станува збор за фирма со седиште во Ќустендил, која се занимава со патен линиски превоз на стока.
Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, побара институциите да реагираат и да проверат дали Јанушев ја пријавил целосната имотна состојба и евентуалната поврзаност со фирмата.
Од СДСМ порачаа дека очекуваат надлежните органи да отворат постапка и да ја информираат јавноста, а доколку се утврдат неправилности да има одговорност.
Во своите ставови, од опозициската партија оценија дека случајот отвора прашања за односот на власта кон европските интеграции и политиките кон Бугарија.
Од ВМРО-ДПМНЕ ги отфрлија обвинувањата како неточни и манипулативни, наведувајќи дека Игор Јанушев не поседува бугарско државјанство и дека не остварувал приходи од фирмата за која се зборува.
Владејачката партија побара СДСМ и Венко Филипче да одговорат на прашања поврзани со компании во Бугарија.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека, доколку веќе се отвораат вакви теми, јавноста треба да добие одговори за работењето и профитите на фирмите поврзани со опозицијата.
Од партијата додадоа дека СДСМ наместо конструктивна опозиција се занимава со политички напади и обвинувања.
Полемиката меѓу двете најголеми политички партии продолжува, а останува да се види дали институциите ќе постапат по изнесените тврдења и дали ќе има официјални проверки.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












