Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција ќе продолжи да вложува напори за воспоставување мир во конфликтот меѓу САД и Израел од една страна и Иран од друга, нагласувајќи дека војната има сериозни последици врз економијата и глобалната стабилност.
Како што пренесува Ал Џезира, Ердоган посочил дека турската влада разгледува различни мерки за заштита на економијата, со оглед на тоа што конфликтот довел до нагло зголемување на цените на енергенсите.
Во исто време, според Анадолија, турскиот претседател истакнал дека земјата внимателно и разумно управува со ситуацијата, при што се настојува да се зачуваат добрите односи со соседите и сојузниците.
Говорејќи по седница на кабинетот во Анкара, Ердоган нагласил дека Турција е решена да остане надвор од директните конфликти, додавајќи дека не дозволува да биде вовлечена во, како што рече, „огнен прстен“ во регионот.
Тој оцени дека, иако конфликтот го гледа како израелска војна, неговите последици ги чувствува целиот свет, при што трошоците, според него, ги сносат милијарди луѓе. Воедно, Ердоган упати критики кон политиките на Израел, оценувајќи дека радикалниот пристап може да ги поткопа дипломатските напори за решение на кризата.












