На 6 јануари, по улиците во 60 населени места ќе се носат божиќни ѕвезди и ќе се пее „Вечниот Бог“
ЗДРУЖЕНИЕТО „БАДНИКОВИ ПОВОРКИ“ СО ПОСЛЕДНИТЕ ПОДГОТОВКИ
Од страна на Вечер -02/01/2024 – 15:25302
Здружението „Бадникови поворки“ веќе 14 години, како народен, духовен и културен проект на граѓаните од православна вероисповед, успеа да ја возобнови древната традиција за Бадник во над 60 населени места ширум Републиката, да се пеат божиќни каланди, создавајќи празнична и топла атмосфера при радосното исчекување на Христовото раѓање, со што се постигна највеличествено и највпечатливо прославување на Бадник во поширокиот регион.
Во овие населени места се прават последните подготовки со изработка на божиќните ѕвезди и со учење на песната „Вечниот Бог“м со кои на 6 јануари, од 10 до 12 часот, на улиците во целата земја, учениците од основните училишта ќе го навестат Христовото раѓање. Општина Карбинци за првпат организира бадникова поворка и таму бара помош од младите и од старите, од децата, мајките и од татковците, да помогнат во подготовките.
– Благодарение на трудот на Здружението „Бадникови поворки“, кое ги вклучи во своите редови најреномираните македонски пејачи, групи, ансамбли, оркестри, актери, режисери, спортисти и креативци, се создаде трајна вредност на новото време. Ризницата на бадниковите поворки бележи повеќе успешни целовечерни концерти, обновени и извлечени од заборавот, но и новосоздадени божиќни песни, чија порака е визуализирана и со моќни видеоспотови.
Организирани се голем број хуманитарни акции, работилници и допрено е до илјадници луѓе, подадена е рака до секој, за сите да сме заедно, а никој да не е осамен во најубавиот период од годината – велат од Здружението.
Поворките на радоста, благодарение на големата поддршка од народот, опстојуваат веќе 14 години. Божиќните пештери, познати и како божиќни вертепи или јасли, се традиционален елемент во празнувањето на Рождеството Христово во православните земји. Тие, на еден непосреден и лесно приемчив начин, го прикажуваат настанот на раѓањето на Господ – Спасителот наш Исус Христос, онака како што е опишан во Светото писмо на Новиот завет.
Во Македонија, според силното предание што се зачувало и до наши дни, верниците, особено најмладите, пеејќи ги божиќните каланди, го објавувале насекаде, со радосно ликување, Рождеството Христово, славејќи ја побожно Богомајката и нејзината Света Рожба. Во минатото, највпечатливо пред Бадник било во Битола и во Охрид.
Во овие градови, најмладите, се разбира, со помош на повозрасните, со особена љубов и радост правеле мала пештера, која ја нарекувале „спилеон“, која ја симболизирала Витлеемската пештера. Младите ја изработувале од штици, од кора од дрво, ставале слама во неа и икона од рождеството Христово и, собрани во дружини, ја носеле од куќа во куќа, тропајќи со дрвено чеканче по вратите и со песна возвестувајќи им на сите за воплотувањето на Божјото слово.