Плоштад на секоја метропола мора да е „цакум-пакум“. Така е скоро насекаде. Освен во Скопје. На плоштадот главно обележје се лимени тараби, скелиња, незавршени објекти, расклатени и извалкани плочки, зарѓани корпи со отпадоци, дупки со искршени плочи, оштетени споменици, нефункционална фонтана… Ете, тоа е централниот скопски плоштад „Македонија“.
Така е веќе десетина година откако плоштадот почна да добива нов лик, но кој никако да се заврши, а и веќе уништеното да се поправи. Единствена промена која би можел да ја забележи некој повратник кој го посетил Скопје пред повеќе години е таа што ова срце на македонската метропола уште повеќе пропаѓа.
Зошто е тоа така? Што чека градоначалничката Данела Арсовска? Не е доволно само малку да се подзамете. Неубави глетки се забележуваат од која и да е страна да му се пристапи – од Камениот мост, од плоштадот „Пела“, од правецот на улицата „Орце Николов“…
-Плоштадот во Скопје е веќе катастрофа. Дава една општа слика на невидена валканост. Белите плочки веќе се темни, со големи мрсни дамки и со мастики залепени. Објетки кои никако да се завршат. Кога одите по плоштадот мора да внимавате на кучињата легнати по него, како сред некое село…, резигнирано вели Силвана Костиќ.
Скопјани почнаа да го одбегнуваат
Таа е една од жителките во метрополата која се повеќе одбегнува да поминува по овој дел од градот, кој би требало да е најпривлечен за сите. Но, кога ќе почне да се обиколува плоштадот се гледа дека таа има оправдани причини за тоа. Делот на плоштадот кај Триумфалната порта, направен пред пет години и за што беа потрошени околу 500.000 евра е веќе расклатен. Под самата Порта гранитните плочки се изместени и нестабилни и мора да се внимава како се оди по нив. Никој тоа со месеци не го поправа. Блиску до ова, зградата на поранешна „Пелагонија“ уште стои недоправена, без фасада, нагрдена… Оштетени плочки веќе се забележуваат на патот кон спомен – обележјето на родната куќа на Мајка Тереза. Иако мермерни, плочките веќе се нагризени и валкани, а на други места значително потемнети. Кај централниот огромен споменик „Воин на коњ“, се врткаат и по некој турис и почесто по некое куче – скитница. Ништо не е барем малку изгланцано. Но уште полошо е кај подна фонтана која стана славна оти во неја се „давеа“ камиони што не би требало да се на плоштадот. На таа фонтана која не работи одамна има голема дупка, настаната по пропаѓањето на двете плочи, стои отворена, без каква и да е заштита и некој невнимателен минувач може сериозно да настрада. Плочките, како и целата фонтана не се поправаат иако за нив беа дадени 2,5 милиони евра пред девет години.
На скалите до Камениот мост, кои пред повеќе децении беа собирно место за млади скопјани, штиците кои што се распаѓаат само потсетуваат дека некогаш служеле за седење и муабети на сите генерации на скопјани. И ним добро би им дошло да се заменат што не е прескапа работа, но некој надлежен треба да го направи тоа. И тука просторот околу спомениците е извалкан, а најжални се двете корпи за ѓубре на почетокот на Камениот мост. Зарѓани, дотраени, валкани, значително ја нагрдуваат околината и прашање е зошто оние кои се грижат за плоштадот не ги сменат туку ги оставаат да ги гледаат стотици и стотици минувачи.
Единствената промена којашто можеше да се забележи е тоа што на со години незавршените објекти на Градската куќа и на хотелот сега има работници. Но, забележавме одвај неколкумина што значи дека обновените работи одат многу бавно. И двата објекти требаше да бидет готови до 2022 година, но тоа не се случи. Сега, со ваква динамика на градбата, прашање е уште колку време ќе биде потребно да се направат. Дотогаш, ќе бидат опкружени со лимени тараби, скелиња, мрежи… покрај кои не е сигурно да се минува.
На бетонската грамада се надоврзува надоправените градилиштата, прво на објектот кој требаше да биде хотел а потоа и на оној на Градската куќа. И двата објекта се во фаза на карабина иако веќе одамна требаше да бидат завршени од страна на странскиот инвеститор. И околу нив има скелиња, има жици кои штрчат, платнени огради… Исто како што со скелиња се уште е опкружен и постаментот од планираниот споменик на Мајка Тереза. За него се уште нема одлука откако пред три години Католичката црква побара тој да биде дограден како обележје за ова светителка.
-Иако сум родена во Скопје пред 77 год. максимално го избегнувам плоштадот. И не само јас туку и многумина мои сограѓани. Плоштадот наликува на депо во една голема просторија, во која се расфрлани споменици од различен материјал, стил, време…, ни вели скопјанката Соња Ксенија Ставриќ.
Се фалеа ќе го поттикнат туризмот
Таа додава дека сликата на плоштадот треба да се смени, дека е потребно подобро одржување, нови клупи, некаква заштита од сонце и од дождот, нови корпи за отпад, пепелници. Некои граѓани сметаат дека пак треба да се изврши нова замена на мермерните плочки на плоштадот кои веќе досега на двапати се менуваа.
-Не сум задоволна од тоа како изгледа плоштадот. Најмногу поради тоа што не се одржува хигиената, не се празнат корпите редовно, а и тие се недоволни… Сметам дека треба да се тргнат грдите ефтини плочки, кои не се поставуваат ниту во бања и да се врати калдрмата или нешто приближно, што нема да предизвикува лизгање во зима, зашто сега е страшно. Што се однесува до незавршените објекти, тие мора да се срушат до темел, зашто секаде во светот плоштадите имаат ширина и зеленило. На нивно место треба да има дрва, трева и цвеќиња, ни вели Жаклина Мијалковиќ Анастасова.
Што ќе преземе градската власт останува да се види. Околу ова требаше и поглем ангажман на повеќе институции. Ни градската власта на Скопје, ни општинската на Центар, ниту, пак, Владата покажуваат амбиција нешто значително да се смени. А тоа ќе значи дека просторот за чие уредување се дадени милиони евра полека ќе пропаѓа се повеќе и повеќе. А сите се фалеа дека ќе направат се за подобар развој на туризмот во Скопје. Да не споменуваме дека Скопје е избрано и да биде Европска престолнина на културата.
„Вљубените“ избегаа од летниковецот – нужник
Во најлоша состојба е веќе направениот Летниковец во кој, меѓу два објекта во изградба, беше поставена бронзената скулптура „Вљубени“ висока околу еден метар. Склуптурата веќе ја нема, а просторот е претворен во јавно ве-це во кое несовесни граѓани вршат нужда. Има граги од секаквио гнасотии, а и мирисот јасно покажува во што се претвара овој простор. Инаку, цената на неговата изградба, инаку, чинеше цели 350.000 евра
Види го плоштадот и ќе знаеш како властите ја градат Македонија
Сликата од плоштадот потполно ја доловува сликата на повеќето македонски функционери (и локалните и централните) како се однесуваат кон државата Македонија. Кој што му текна изгради на плоштадот, мегаломански – не баш плански, а другите, потоа, сето тоа ниту го одржуваат ниту ги завршуваат недовршените градби, ниту прават реконструкции. И така е со години: полунапуштено, полузачистено, не е она што треба да биде, а многу пари е потрошено… Баш како што е и во останатиот дел од Македонија.
Целиот текст можете да го прочитате на skopskoeho.mk