Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информираше дека е во тек финалната верификација на камерите за автоматска детекција на сообраќајни прекршоци, кои се дел од проектот „Безбеден град“. Како што соопшти преку социјалните мрежи, оваа фаза е клучна пред целосното ставање на системот во функција, чија цел е зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на бројот на сообраќајни незгоди и загубени човечки животи.
Тошковски посочи дека на терен се врши проверка на точноста на мерењето на брзината, при што досега утврдените отстапувања се минимални и значително под законски дозволената толеранција, што, како што нагласи, гарантира сигурност и доверливост на системот.
Во првата фаза, камерите ќе бидат активирани на локации со зголемен сообраќаен ризик, додека во текот на годината системот постепено ќе се проширува на целата територија на државата. Паралелно со тоа, ќе бидат вклучени и возила на МВР опремени со мобилни камери, особено на т.н. црни точки каде што најчесто се случуваат сообраќајни незгоди.
Министерот истакна дека системот функционира без селективност и дека не прави разлика меѓу возачите.
„Овој систем не гледа кој сте, туку што сте направиле. Не познава имиња, функции или позиции, туку евидентира исклучиво прекршок. Законот важи еднакво за сите и само така можеме да постигнеме поголема сообраќајна дисциплина и повеќе спасени човечки животи“, порача Тошковски.
Проектот „Безбеден град“ е еден од стратешките безбедносни проекти на Министерството за внатрешни работи, насочен кон технолошко унапредување на сообраќајната контрола и превенција на најтешките последици на патиштата.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












