СВР Битола, во соработка со Одделот за криминалистичка полиција при БЈБ, поднесе кривична пријава до ОЈО Битола против четири лица – В.П. (40) од село Стење, ресенско, Г.М. (54) со престој во Скопје, едно засега непознато лице и В.М. (51) од Охрид – поради сомнение за сторени кривични дела измама и помагање.
Против прво-, второ- и третопријавениот е поднесена пријава за кривично дело „измама“ по член 247 од Кривичниот законик, додека четвртопријавената се сомничи за „помагање“ по член 24 во врска со член 247 од КЗ.
Според информациите од МВР, на 5 февруари 2026 година на улицата „Маврово“ во Битола, осомничените со лажно прикажување факти довеле во заблуда 72-годишна жена, претставувајќи се дека нејзината снаа е тешко повредена и дека се потребни пари и злато за операција. Таа му предала златен накит на првопријавениот, кој подоцна ги предал предметите на второпријавениот. Со делото била причинета штета од околу 40.000 денари.
Следниот ден, на 6 февруари, кај Саат кулата во Битола, на ист начин биле измамени 76-годишна жена и нејзиниот сопруг, од кои биле одземени околу 430.000 денари.
Во периодот од ноември 2025 до 21 февруари 2026 година, второпријавениот и четвртопријавената ги пренесувале и предавале паричните средства стекнати со измамите во Бугарија, односно во Софија, на третопријавениот, при што дел од средствата задржувале за себе.
Со измамите извршени во повеќе градови низ државата, пријавените се стекнале со противправна имотна корист од околу 3.700.000 денари.
Од страна на судија на претходна постапка при Основниот суд во Битола, на Г.М. му е одредена мерка притвор во траење од осум дена, додека првопријавениот веќе издржува мерка притвор, информираат од МВР.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












