Цената на суровата нафта „Брент“ денеска достигна речиси 105 долари за барел, што претставува раст од повеќе од 40 отсто од почетокот на војната во Иран.
Барел нафта „Брент“, кој се смета за меѓународен репер, поскапе за 1,6 отсто и моментално се продава по цена од 104,73 долари, пренесуваат светските агенции.
Американската референтна сурова нафта исто така бележи раст и достигна цена од 99,68 долари за барел, што е зголемување од околу еден отсто во текот на денот и речиси 50 отсто од почетокот на конфликтот.
Во петокот загубите на Волстрит дополнително се продлабочија, откако ескалацијата на војната повторно ги турна цените на нафтата над границата од 100 долари за барел, зголемувајќи го инфлаторниот притисок врз светската економија.
Според податоците на независната истражувачка компанија „Ристад енерџи“, повеќе од 12 милиони барели нафтен еквивалент дневно се исклучени од глобалниот пазар во нешто повеќе од една недела по затворањето на Ормускиот теснец.
Најновиот извештај на Универзитетот во Мичиген покажува дека расположението на потрошувачите паднало на најниско ниво оваа година, што се поврзува со растот на цените на бензинот по почетокот на војната во Иран.
Во меѓувреме, на девизните пазари утрово американскиот долар ослабе во однос на јапонскиот јен, додека еврото зајакна во однос на доларот.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












