Северна Кореја изврши ново тестирање на ракетно вооружување под надзор на лидерот Ким Џонг Ун, при што биле испробани повеќенаменски лесен систем за лансирање проектили и повеќе тактички крстосувачки ракети, објавија државните медиуми.
Според севернокорејската новинска агенција KCNA, тестирањата биле спроведени вчера како дел од планот за модернизација на артилериските и ракетните сили на земјата во рамки на петгодишната стратегија за развој на националната одбрана.
Во меѓувреме, армијата на Јужна Кореја соопшти дека Пјонгјанг истрелал неколку балистички ракети со краток дострел, помал од 300 километри, како и артилериски ракети од областа околу градот Чонџу во северозападниот дел на Северна Кореја.
KCNA наведува дека за време на тестирањата била анализирана моќта на боевата глава на тактичка балистичка ракета за специјални намени, сигурноста на артилериските ракети со продолжен дострел и прецизноста на тактичка крстосувачка ракета управувана со вештачка интелигенција.
Според извештаите, Ким Џонг Ун ги пофалил тестирањата и оценил дека тие претставуваат доказ за техничкиот напредок на земјата во зајакнувањето на нејзината борбена моќ.
Ова е осмо тестирање на балистички проектили од страна на Северна Кореја од почетокот на годината. Последното вакво тестирање беше регистрирано на 19 април, кога Пјонгјанг исто така истрела неколку ракети со краток дострел.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:











