Македонските тенисери го загубија првиот дуел во Кишињев во рамки на Третата Европска група од Дејвис купот откако загубија со 2-1 од домаќинот Молдавија. Мечевите почнаа одлично за македонскиот тим со водство по победата со пресврт на Калин Ивановски против Иља Снитари со 2-1 во сетови (46 63 61). Тенисерот од Молдавија поведе, а во следните два сета Ивановски му препушти само четири гема.
Во вториот меч Олег Приходко го доби првиот сет во тај брејкот со 10-8 на поени што значеше и водство за македонскиот тим. И во вториот сет продолжи предноста со еден брејк, но по петтиот гем Приходко побара медицинска помош и проблемот со грчевите траеше до крајот на мечот. Вториот сет заврши со 7:5 за Раду Албот, а по 2:0 во третиот сет за ривалот Приходко го предаде мечот.
По паузата следуваше и решавачкиот меч во двојки. Ивановски и Приходко имаа водство од 1:0 и 2:1 во гемови, но потоа Раду и Снитари направија два брејка за водство од 5:2 во гемови, по што македонскиот тим го предаде мечот. Грчевите и проблемот со настинката направија проблеми за Приходко и тој немаше сили за продолжение на мечот.
Сега најважно е Приходко да се закрепне и да биде подготвен за следните мечеви, против Грузија и Косово од групата. Утрешниот противник ќе биде познат по завршувањето на комплетната денешна програма.
Во дуелот од нашата група Грузија го совлада Косово со 3:0, а во групата А Летонија славеше против Азербејџан со 3:0, додека во тек е мечот меѓу Република Ирска и Црна Гора (1:1).
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












