Американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека денешниот израелски напад врз Бејрут не требало да се случи и предупреди дека не смее да се загрози можноста за постигнување договор со Иран.
Во објава на својата социјална мрежа „Трут Соушал“, Трамп истакна дека сите страни треба да покажат воздржаност, особено во момент кога, според него, Вашингтон и Техеран се многу блиску до рамковен мировен договор.
„Не треба да има повеќе напади од Израел, ниту од која било друга страна. Ова би можело да биде почеток на долг и убав мир. Да не го уништиме тоа“, порача Трамп.
Тој нагласи дека Израел има право на самоодбрана, но оцени дека нападот на кој одговорил бил мал и без поголемо значење.
Во меѓувреме, заменик-командантот на иранската централна команда Хатам ал-Анбија, Мохамад Џафар Асади, предупреди дека израелските напади врз јужните предградија на Бејрут нема да останат без одговор. Според иранските државни медиуми, тој изјавил дека израелските „злосторства“ ќе бидат казнети.
Главниот ирански преговарач Мохамад Багер Галибаф ги обвини САД дека не ги исполнуваат своите ветувања и оцени дека израелските напади сериозно ги поткопуваат разговорите меѓу Техеран и Вашингтон.
„Израелската агресија врз јужните предградија на либанската престолнина уште еднаш покажа дека на САД им недостига волја или способност да ги исполнат своите ветувања“, изјави Галибаф.
Според информациите, три лица загинале во неделниот израелски воздушен напад врз јужните делови на Бејрут, што е втор ваков напад во изминатата седмица. Израел соопшти дека акцијата била одговор на нападите на Хезболах врз северниот дел на земјата.
Иран, пак, останува на ставот дека секој можен договор со САД мора да биде придружен со целосен прекин на огнот во регионот, вклучително и во Либан.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












