Ирак започна да користи алтернативна копнена рута за извоз на нафтени деривати кон Европа, испраќајќи тешко гориво преку Сирија и понатаму преку медитеранските пристаништа, поради ограничувањата во Ормутскиот теснец.
Од април досега, преку оваа рута биле извезени околу 2,1 милион тони нафта, изјави Ахмед Кубаџи, заменик-претседател на сириската државна нафтена компанија, во интервју за весникот „Д Нешнал“.
Според неговите информации, транспортот значително се зголемил во изминатиот период – од почетните 10 цистерни дневно, до околу 1.000 цистерни секој ден. Извозот главно се однесува на тешко гориво, односно мазут.
Поради честите проблеми со поморскиот транспорт низ Ормутскиот теснец, земјите од Персискиот Залив бараат нови начини за пласирање на нафтата и нафтените производи на светскиот пазар. Во регионот се активираат постојни, но и се планираат нови нафтоводни коридори кон Црвеното Море и Медитеранот.
Ирак е една од најзависните земји од приходите од нафта, кои вообичаено сочинуваат повеќе од 90 проценти од државните приходи. Со новата рута, преку Сирија и Турција, се создава дополнителен транзитен коридор за ирачките енергетски производи.
Сепак, копнениот транспорт преку Сирија е поскап и посложен од традиционалниот морски извоз. Дополнителен ризик претставуваат безбедносните закани, бидејќи возачите и конвоите се изложени на можни напади и заседи.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












