Со 65 гласа „за“, 26 „против“ и без воздржани, на 140-тата собраниска седница за судија на Уставниот суд на Република Северна Македонија е избрана Ана Павловска-Данева, професорка на Правниот факултет на Скопскиот универзитет. По гласањето таа ја кажа и потпиша свечената изјава дека функцијата ќе ја извршува одговорно и со почитување на законите и Уставот.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против предлогот на владејачкото мнозинство затоа што, не спорејќи ја нејзината стручност и дека е истакнат правник, сметаат дека со нејзиниот избор ќе се партизира Уставниот суд затоа што Павловска-Данева била и истакнат партиски функционер. Прашаа дали ќе биде независна од влијанието на СДСМ како некогашен пратеник и потпретседател на таа партија и дали како уставен судија ќе работи согласно Уставот и правдата или ќе биде послушник на власта.
Опозициските пратеници во расправата кажаа дека сѐ додека СДСМ и ДУИ се на власт, судството ќе биде неефикасно во борба со корупцијата, ќе биде партизирано и под политички притисоци и не веруваат дека Павловска-Данева ќе придонесе да се подобри довербата во судството која сега е 0 проценти.
Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека генерално немаат забелешки за нејзината стручност во правото, но, рече „повторно имаме партизација, повторно докажани партиски војници“.
– Не е во прашање само стручната подготовка, многу битен е личниот интегритет и кредибилитет да се носи со позицијата и да не потпадне под партиски влијанија. Ана Павловска-Данева била носител на листа, пратеник и во еден момент потпретседател на СДСМ. Ќе речете тоа било пред неколку години, но треба јасно да се дефинира во закон колку години кандидатот не треба да се занимава со политика – рече Трајанов.
Со некои ставови на Павловска-Данева и тој се согласува, како што се нејзините критики за СЈО, за бројот на министри и за Великотрновскиот универзитет, но, рече, „факт е и дека од СДСМ е наградена пред изборите да го добие тоа што треба да добие“.
Според Даниела Христова, времето ќе покаже дали Павловска-Данева ќе остане доследна на професионалноста „или ќе си ги покаже партиските квалитети“ затоа што факт е, рече таа, нејзината партиска припадност.
– Можеби е добар професор со квалитети за добар судија, но добар и чесен судија може да биде само ако застане на страната на правдата, а не на партијата, без наклонетост и пристрасност или да биде под влијание од мешање на извршната власт Тогаш ќе биде добар судија и судија за пример – рече Христова.