Денеска се одржа историски настан за македонскиот енергетски сектор со поставувањето на камен темелник на 400 kV далекуводот од ТС „Битола 2“ до македонско-албанската граница. Овој капитален проект е стратешка интерконекција која ја заокружува електроенергетската поврзаност на Северна Македонија со сите соседи и ја зацврстува позицијата на земјата како доверлив партнер во регионалната енергетика.
На настанот присуствуваа: претседателот на Владата, Христијан Мицкоски; министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска; албанскиот министер за енергетика, Енеа Каракачи; претставници на ЕБОР, ЕУ и локалната самоуправа, како и менаџментот и проектните тимови на АД МЕПСО.
Министерката Сања Божиновска во својот говор потенцираше:
„Денеска стоиме пред проект кој ја одбележува иднината на македонскиот енергетски систем. Со 400 kV интерконективниот далекувод ја засилуваме преносната мрежа, го зголемуваме капацитетот за пренос и ја зацврстуваме нашата позиција во регионалните енергетски текови. Овој проект е порака до инвеститорите, дека нашата преносна инфраструктура е подготвена за идната економија и зелена транзиција.“
Проектот не само што ја зголемува сигурноста и стабилноста на електроснабдувањето туку овозможува поголема интеграција на обновливи извори на енергија, поттикнува инвестиции во енергетскиот сектор и го затвора единствениот отворен крак во националниот преносен систем.
Историјата на проектот покажува дека преку стратешки одлуки на МЕПСО, 51,2% од опремата е веќе обезбедена и ќе биде користена од новоизбраниот изведувач, што обезбедува континуитет на инвестицијата и заштита на државниот интерес.
Со оваа интерконекција, Северна Македонија и Албанија го јакнат регионалното партнерство, овозможуваат стабилна размена на зелена енергија и испраќаат јасна порака за доверливост во европските енергетски политики.
Проектот опфаќа изградба на далекувод со должина од 97,5 км на македонска територија, поставен на 269 челично решеткасти столбови, трансформаторска станица во близина на Охрид и далекуводно поле во ТС Битола 2, со рок на извршување од 900 дена (30 месеци).
Проектот е финансиран и поддржан од меѓународните партнери, меѓу кои и ЕБОР и ЕУ, и е примарен дел од регионалниот енергетски Коридор 8. Со неговото реализирање, Северна Македонија го потврдува својот стратешки интерес за модерна, стабилна и зелена енергетска иднина.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












