Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со претставници на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводени од шефот на мисијата во земјава, Ник Гигинеишвили.
На состанокот се дискутираше за актуелните економски состојби и идните планови на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини во врска со интеграцијата со европскиот енергетски пазар.
Министерката Божиновска, на средбата, ги информираше претставниците на ММФ за тековните активности на Министерството во насока на усогласување со европските стандарди. При тоа, министерката потенцираше дека се работи на исполнување на обврските за енергетска ефикасност на јавните згради, според коишто, секоја година е предвидено да се реконструираат најмалку 3% од вкупната корисна подна површина на јавните згради што претставува крупен исчекор кон намалување на потрошувачката на енергија, а со цел да се излезе во пресрет и на потребите на граѓаните.
Во врска со актуелната состојба со цената на горивата, министерката Божиновска на средбата ги презентираше актуелните мерки коишто ги презема Владата со цел да се спречат ценовни шокови, при што додаде дека земјава во моментов има најниски цени на горивата во регионот. Министерката воедно нагласи дека и понатаму ќе се преземаат мерки со цел да се заштити стандардот на граѓаните.
Во таа насока, министерката ги нагласи и програмите за субвенционирање на сметките за електрична енергија и субвенции за клими, коишто се насочени кон заштита на ранливите категории граѓани.
Претставниците на ММФ, на средбата, ја потврдија цврстата заложба на Владата и на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини за забрзување на преземените чекори во согласност со Реформската агенда, со цел обезбедување на сигурен и модерен електроенергетски систем.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ќе продолжи со реализација на политики насочени кон реализација на енергетската независност, одржлив развој на енергетиката и зелената транзиција.












