Мартин Гоџо од Варош годинава го фати Чесниот крст од осветените води на Охридско Езеро. За него ова не е првпат да биде најсреќниот меѓу учесниците што се фрлаат по крстот, со што уште еднаш го привлече вниманието на јавноста.
Голем број верници учествуваа во чествувањето на православниот празник Богојавление – Водици, кое традиционално се одржа со осветување на водите на Охридското Езеро и со положување на Чесниот крст.
Оваа година, за првпат, водите на езерото ги освети и Чесниот крст во нив го положи новиот митрополит дебарско-кичевски, владиката Георгиј. Тој истакна дека Богојавление – Водици претставува еден од најзначајните настани не само за Охрид, туку и за целата Македонија, нагласувајќи дека Охрид природно го има стекнато приматот најважниот настан на овој празник да се одржува токму тука.
На Мартин Гоџо прв му честиташе градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, а на настанот присуствуваше и претседателката Гордана Сиљановска Давкова, како и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, што дополнително ја нагласи важноста на годинешното чествување во македонскиот Ерусалим.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












