Гласачите во избирачките места 1133 во Куманово, како и оние во гласачкото место 2271 во Штип, денеска гласаат без да остават отпечаток од прст на електронски уреди за биометриска идентификација,туку наместо тоа, се идентификуваат со УВ лампа и спреј, соопшти денеска Борис Кондарко, претседателот на Државната изборна комисија (ДИК). Тој информираше и дека до 9 и 15 часот, излезноста била 3 отсто.
„Во Куманово на едно избирачко место, 1133, во кое се запишани 12 гласачи, немаше струја, па одлучивме гласањето да продолжи без користење на уредот за биометриска идентификација, а со употреба на УВ лампа. Иста ваква одлука донесовме за избирачкото место 2271 во кое има 507 гласачи, каде што поради технички причини, ИТ лицата од ДИК направија обид со два резервни уреди за идентификација да се одвива гласањето, но уредите не можеа да се стартуваат, па и овде се гласа со УВ лампа и спреј. Од вкупно 3474 избирачки места во државата, кои се уредно и навремено отворени, гласањето без уред за биометрикса идентификација, се одвива само во овие две места 1133 и 2271. Тоа се објективни фактори на техниката, но сепак се работи за занемарлив процент, нема никаква пречка граѓаните да го остварат своето право на глас. Лани имавме вакви ситуации 6 избирачки места“, рече Кондарко.
Тој информира дека заклучно со 9 и 15 часот, гласале се 41.890 граѓани, односно 3 проценти. Кажа дека гласањето се одвивало без проблеми, односно дека во ДИК досега немало јавувања за некакви потешкотии од ниту една општинска изборна комисија.
„Ќе информираме за излезноста на секои два часа. Гласовите ќе се бројат после 19 часот. Гласачките ливчиња од вчерашното гласање ќе се бројат заедно со денешните, на купче“, додаде тој.
Кондарко информира и за одлуката за поништување на 1 советничка листа на партијата ДНЕТ, поради починато лице. Како што кажа, одлуката на ДИК е на сила и сите евентуални гласови за Совет на град Скопје, кои ќе бидат дадени за оваа партија, ќе бидат неважечки.
Граѓаните што гласаат во Скопје, гласаат на четири избирачки ливчиња. Поради поголема транспарентност и побрзо составување на записниците за утврдување на резултатот од гласањето, ДИК дала насоки сите избирачки одбори после 19 часот да присуствуваат во полн состав – сите 5 членови и сите 5 заменици, заради поголема контрола и ефикасност.
„Може поспоро да оди објавата на резултатите оти во Скопје се гласа на 4 гласачки ливчиња“, додаде Кондарко.