Државата дава под закуп земјоделско земјиште до 3 хектари. Министерството за земјоделство има распишано четири јавни повици на кои заинтересираните можат да аплицираат за обработливо земјиште кое е распоредено во 34 региони во 878 катастарски општини исклучиво за производство на храна.
Закупот на земјиштето е со различно времетраење во зависност од намената. Така, ако е за подигање на долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии закупот е за период до 30 години; за подигање на долгогодишни насади со лешник за период до 70 години; подигање на маслинарници за период до 50 години; одгледување на други земјоделски култури и за поставување на пчелни семејства за период до 15 години; ливади за период до 15 години; за одгледување на брзо растечки дрвја на земјоделско земјиште кое се наоѓа нанадморска висина над 700 метри, за периодот до 30 години и рибници до 20 години.
Првиот јавен повик се однесува за 11 региони (Гостивар, Тетово, Кичево, Дебар, Струга, Охрид, Ресен, Демир Хисар, Свети Николе, Кисела Вода и Чаир), со објавени 246 катастерски општини. Кај вториот опфатени се 10 региони (Берово, Пехчево, Битола, Македонски Брод, Валандово, Виница, Гевгелија, Прилеп, Штип и Велес), со објавени 206 катастерски општини. Третиот јавен повик опфаќа 13 региони (Делчево, Кочани, Крива Паланка, Куманово, Крушево, Кратово, Кавадарци, Росоман, Неготино, Струмица, Пробиштип, Радовиш и Гази Баба), со објавени 344 катастерски општини.
А четвртиот јавен повик се однесува на 7 региони (Кавадарци, Росоман, Неготино, Валандово, Делчево, Виница и Гевгелија), со објавени 82 катастерски општини.