Демократската унија за интеграција најостро го осудува третманот кон 76 вработени во Министерството за меѓуетнички односи, сите од албанска националност, кои биле повикани на работа и сместени во канцеларии без основни човечки услови и без никакви работни обврски.
Според партијата, десетици жени и мажи биле собрани во само три простории, без столчиња, работни маси, компјутери и основни средства за работа, при што биле принудени да стојат од 08:00 до 16:00 часот. Ова, како што наведуваат, претставува јасен пример на институционален мобинг и психолошка тортура.
Особено загрижува фактот што дел од вработените, за да го издржат работниот ден, биле приморани да седат на под и да носат ќебиња од дома, што, според ДУИ, претставува сериозно нарушување на човечкото достоинство и кршење на сите законски, морални и европски стандарди.
Наместо институциите да преземат одговорност за создадените услови, снимки од состојбата биле јавно злоупотребени, а премиерот, како што велат од партијата, дополнително ги навредил вработените обвинувајќи ги за аморално однесување.
Станува збор за жени, мајки, сестри и сопруги кои, според ДУИ, најпрво биле понижени од државата, а потоа и јавно нападнати од највисокото извршно ниво. Ова, велат од Демократска унија за интеграција, е преминување на црвена линија што не смее да се оправдува или игнорира.
Партијата бара премиерот јавно да се извини на засегнатите вработени, на нивните семејства и на албанската заедница, како и целосна политичка и административна одговорност за настанот. Се бара итен прекин на, како што го оценуваат, нечовечкиот третман и враќање на достоинствени услови за работа.
ДУИ порачува дека државните институции не смеат да станат места за колективно казнување по етничка основа и дека човечкото достоинство е основно право кое не смее да биде доведено во прашање.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












