Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ги повика граѓаните вечерва во 18 часот на плоштадот „Македонија“, каде што свечено ќе биде означен почетокот на новогодишните и божиќните празници со осветлување на градот.
Според најавите, скопјани ги очекува посебна празнична атмосфера, богата програма со забава, музика, бројни подароци и изненадувања за сите генерации. Како што истакна Ѓорѓиевски, годинава празничниот дух повторно се враќа во срцето на градот.
„Нашиот град е најубав тогаш кога свети од радост, насмевки и празнична магија. И младите и возрасните ја заслужуваат топлината што ја носат Новогодишните и Божиќните празници. Со огромна радост ве поканувам заедно да го означиме почетокот на едно ново празнично поглавје исполнето со забава, музика, подароци и омилените херои кои ќе ги израдуваат најмалите“, напиша Ѓорѓиевски на својот Фејсбук профил.
Тој најави дека од утре па сè до 31 декември секојдневно ќе се одржуваат настани и забави за сите генерации, а дочекот на Новата година ќе биде спектакуларен и незаборавен.
Ѓорѓиевски претпладнево на прес-конференција ќе информира и за деталите околу новогодишното украсување, како и за целосната празнична програма и настаните во организација на Град Скопје.












