Повеќемина граѓани се поплаки до редакцијата на Канал 5 дека добиле значително повисоки сметки за парно греење за последниот месец од годината, во однос на претходните.
Таков е случајот и со една мала фирма која сакаше да остане анонимна. Ни испратија две сметки за парно, од ноември и една од декември, на кои може да се забележи дека износот на фактурата е двојно повисок. Односно ако досега плаќале по 2 илјади денари месечна фактура, декемвриската сметка им е двојно повиска односно изнесува 4 ипол илјади денари.
СМЕТКА ЗА ПАРНО НОЕМВРИ 2 187 ДЕНАРИ
СМЕТКА ЗА ПАРНО ДЕКЕМВРИ 4 504 ДЕНАРИ
На социјалните мрежи низа граѓани ги споделуваат своите декемврски фактури и за струјата, за кои се жалат дека се повисоки од вообичаено.
Новиот ценовник за струјата, стартуваше од јануари, а веќе сите домаќинства имаат и дневна евтина тарифа која освен во ноќните часови, ја користат и во текот на денот од 13 до 15 часот. Идејата беше на тој начин да се намалат сметките за струја за граѓаните.
По реакциите од граѓаните одговори побаравме и од ЕВН и од ЕСМ, но до емитување на прилогот не добивме.
Државната ЕСМ освен со струја, од лани ги снабдува домаќинствата и со топлинска енергија. За цените да останат ниски државата ги субвенционира сметките, а за тоа граѓаните имаат увид во самите фактури. Но, овој податок на сметките за парно го нема веќе подолг период.