1 ЗАВОДЛИВ POLE DANCE
Танцот околу метална прачка ослободува од инхибиции и стеги, враќајќи нè на нашата природна нежна внатрешна патека, тврдат експертите. Овој вид рекреација не е чист стриптиз (како што мислат многумина!), бидејќи целта е поврзување со сопствената сензуалност.
Смислата на овие вежби е максимално да забавиме и целото внимание да го насочиме кон она што се случува во нас. Токму затоа во салата нема огледала, светлината е намалена, се вежба на погласна музика, а целта на целата приказна е да ја разбудиме потиснатата женственост, т.е. сексуалност.
Жените се определуваат за танц околу прачка за да се ослободат од вишокот килограми, а само по неколку часа сфаќаат дека се секси токму такви какви што се. Токму тоа е и целта – да го прифатиме сопственото тело и да се чувствуваме задоволно и посакувано во сопствената кожа.
2 ВИБРАЦИИТЕ НА ГОНГ-БАЊАТА
Звучните патувања или звучни бањи, покрај преостанатите благодати, имаат поволно дејство и врз будењето и хармонизирањето на сексуалната, креативната и животната енергија. Гонг-терапија или терапија со звук е позната уште од далечно минато.
Звукот дава поттик и иницијатива за враќање во хармонија, со гонгот како да се отклучуваат други димензии, сеќавања што ги носиме во себе, тајните на животот, на универзумот, креации. Тој е способен да ги ослободи заспаните потенцијали во нас, да нè потсети на огромната сила и да ги разбуди духовните способности.
Вибрациите на гонгот можат да поттикнат длабоки сеќавања и импресии, но можат да нè внесат и во состојба на мир и на релаксација.
Ритмичките звучни вибрации што ги произведуваат различни чинии или гонгот се пренесуваат на телото и претставуваат своевидна масажа. За време на таа масажа се создава атмосфера на сигурност, во која можеме да се опуштиме и да се ослободиме од стресот, тежината, грижите, сомнежите и другите негативни чувства.
3 МАГИЈАТА НА ТАНТРА-МАСАЖАТА
Кај нас овој поим честопати погрешно се поврзува со сексуалниот чин меѓу тантра-терапевтот и клиентката. Всушност, станува збор за вид тераписка масажа што е идеален за жените што имаат проблем со постигнување оргазам или кои воопшто го немаат доживеано. Сексуалната енергија е најсилна енергија во нашето тело и, како таква, добар слуга е, но злобен господар – кога е блокирана.
Тантричката масажа подразбира познавање на енергетските канали на телото низ кои, според учењето на таоистичките филозофи, поминува животната енергија „ки“. Во оваа масажа, целото тело се масира со техники за релаксирање, со акцент на акупресурните точки и меридијани во регијата на ерогените зони. Пред самиот крај на масажата, ќе почувствувате прочистен оргазмичен бран, кој е исклучително силен, а различен од клиторалниот или вагиналниот. Доколку имате партнер расположен да ве следи во истражувањето на границите на вашата сексуалност, можете и заедно да исчекорите од вообичаеното поимање на сексуалноста – со помош на тантра за двојки.
Исто така, се зголемува и бројот на курсеви по тантра за двојки на кои се учат техники на масажа со чија помош можеме да ја разгориме енергијата за водење љубов кај партнерот во нејзината исконска моќ, за да не се сведува на домашна задача, како што се случува понекогаш.
4 МОЌТА НА БАХОВИТЕ КАПКИ
Баховите капки се цветни есенции од билки, кои со својата вибрација остваруваат енергетско дејство врз емоциите и менталните состојби што се во нерамнотежа, а кои се одговорни за незадоволство со кој било аспект на животот. Системот содржи 38 цветни есенции, со кои се дејствува на сите состојби на нерамнотежа, кои терапевтот ги препознава во текот на разговорот, а врз чија основа се одредува индивидуална комбинација на капки.
Без разлика дали недостигот од сексуална желба настанал како резултат на психички и физички умор, опсесивна потреба за контрола, неможност да се опуштиме, срамежливост, недостиг од самодоверба или сомневање во сопствената привлечност, со користење на Баховите капки се воспоставува нарушената рамнотежа. Тие се одлична поддршка во сите животни предизвици, вклучувајќи го и изразувањето на сексуалноста.
5 ДОПИРОТ НА РЕИКИ
Учителите по тибетско реики сметаат дека будењето на заспаната сексуалност е неопходно за да не бидеме фрустрирани. Сексуалноста е нашата природа, која не е промискуитетна, туку со стил – минималистичка однадвор, максимална однатре. Самото практикување реики подмладува, практичарите стануваат попривлечни, дамите почнуваат да добиваат комплименти, а мажите стануваат помажествени. Гледани однадвор, изгледаат како да се вљубени. Принципот е едноставен – сексуалноста кај луѓето лежи во првите две чакри. Првата се наоѓа на дното на трупот, кај половите органи, а втората е три прста под папокот.