Од денеска започна дистрибуцијата на гласачкиот материјал по општинските изборни комисии. Неверојатен е податокот дека меѓу испратените над 4,6 милиона ливчиња има едно кое е со должина од половина метар. Најверојатно се работи за ливчето на кое ќе се гласа за членови на Советот на Град Скопје каде што има пријавено 19 листи со вкупно 855 кандидати.
Според Вангел Талевски, директор на битолската печатница „Киро Дандаро“ каде што се печатеше изборниот материјал, причината за огромната должина се должи на тоа што гласачките ливчиња комбинираат повеќе изборни категории и се подготвени со двојна заштита.
Дистрибуцијата предвидува не само ливчињата, туку и околу 250.000 страници избирачки списоци, многу оригинални записници, како и 8.330 примероци на Браeјево писмо за лицата со оштетен вид.