Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека е постигнат договор за конечно довршување на булеварот „Борис Трајковски“, со што се отвора можност за реализација на проект што со години бил одложуван.
Тој информираше дека на средба со стопанствениците долж трасата бил постигнат договор за забрзување на процесот на експропријација, кој во минатото останал недовршен. Според него, булеварот „Борис Трајковски“, именуван по поранешниот претседател Борис Трајковски, претставува еден од најважните сообраќајни правци што секојдневно го користат повеќе од 100.000 жители.
Ѓорѓиевски посочи дека завршувањето на овој проект е меѓу неговите клучни приоритети, заедно со другите инфраструктурни зафати во градот. Тој оцени дека изградбата со години била блокирана и претставувала сериозен проблем за граѓаните кои секојдневно ја користат оваа делница.
Во наредниот период се очекува да биде објавена јавна набавка за изградба, а проекциите се дека работите би можеле да завршат до крајот на годината. Станува збор за делница долга околу 850 метри, од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево, каде што е планирана изградба на современ булевар со четири сообраќајни ленти и пешачко-велосипедска патека.
Градоначалникот упати апел до граѓаните за трпение за време на градежните активности, со цел конечно да се добие модерна и безбедна сообраќајница.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












