Косово денеска ги заокружува изборите за нов парламент, вторпат во последните 11 месеци. Според информациите на германската новинска агенција ДПА, левоориентираното движење Самоопределување, предводено од актуелниот премиер Албин Курти, останува јасен фаворит за победа.
Предвремените избори станаа неизбежни откако, иако Самоопределување излезе како најголема партија на редовните избори одржани на 9 февруари, не успеа да обезбеди апсолутно мнозинство во парламентот. Поради тоа, новоизбраниот законодавен дом влезе во институционален застој, без можност да избере раководство и да започне со нормално функционирање.
ДПА потсетува дека Курти раководи со Косово од 2021 година, спроведувајќи реформска програма која досега дава мешани резултати. Сепак, тој очекува убедлива победа и на овие избори, слично како во 2021 година, кога речиси самостојно успеа да формира влада.
Доколку ваквото сценарио не се оствари, останува отворено прашањето дали главните политички актери ќе покажат подготвеност за компромис со цел формирање стабилна коалициска влада.
Избирачките места беа отворени утрово во 7 часот, а ќе се затворат во 19 часот. Првите прелиминарни резултати се очекуваат вечерва.
Германската агенција потсетува и дека поранешната српска покраина, населена претежно со Албанци, прогласи независност од Србија во 2008 година, по вооружениот конфликт и интервенцијата на НАТО во 1999 година.
Косово досега е признаено од повеќе од 100 држави, но не и од Русија, Србија, Грција и Шпанија. Според ДПА, земјата се смета за потенцијален кандидат за членство во Европската Унија.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












