Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ го победи Американецот со српско потекло Александар Ковачевиќ во третото коло на Мастерс турнирот во Индијан Велс.
Ѓоковиќ до победата стигна по нешто повеќе од два часа игра, славејќи со 2-1 во сетови (6:4, 1:6, 6:4).
Ова беше негова втора победа во исто толку натпревари против Ковачевиќ, по нивниот дуел на Ролан Гарос во 2023 година.
Интересно е што Ѓоковиќ првпат по 2018 година ќе игра осминафинале во Индијан Велс. Таму противник ќе му биде победникот од дуелот меѓу Франсиско Серундоло и Џек Дрејпер.
Ѓоковиќ имаше тежок меч против инспирираниот противник, кој со многу ризик го одигра целиот натпревар, но попушти во најважните моменти. Ковачевиќ имаше дури 50 директни поени и 43 неизнудени грешки, додека кај Ѓоковиќ тој однос беше 22-20.
Новак рутински го доби првиот сет, во кој сигурно ги освојуваше своите сервис гемови, а водство од 1-0 му донесе брејкот во четвртиот гем.
Вториот сет донесе целосен пресврт. Ковачевиќ искористи две од четирите шанси за брејк, додека Ѓоковиќ не реализираше две брејк топки во различни гемови, па Американецот убедливо го доби сетот со 6:1.
Во решавачкиот трет сет, Ѓоковиќ повторно ја презеде контролата. Тој беше сигурен на свој сервис и постојано вршеше притисок врз сервисот на Ковачевиќ. Иако не искористи три брејк топки во два гема, сепак не му дозволи на противникот да се извлече во десеттиот гем, кога Ковачевиќ сервираше за да остане во мечот.










