Ковачевски смета институцијата се претворила во семејна фирма. Ковачевски негираше и дека со вонредната контрола врз работењето на синдикалните организации на М-НАВ, се врши притисок врз нив. Премиерот рече дека не знае чиј внук е Хекуран Асани, односно дали е семејно поврзан со претседателот на ДУИ, Али Ахмети
Изборот на кандидатите за новите директори на М-НАВ, според премиерот Димитар Ковачевски е целосно професионален и му претходела сериозна расправа. Ковачевски негираше дека целата ситуација со првиот предлог за Илир Мехмеди, кој потоа беше повлечен и заменет со Хекуран Асани, била комична, откривајќи дека имало повеќе кандидати, а не само двајца. Тој по отворањето на новата поликлиника во Сарај, беше дециден дека ако се погледне биографијата на Мехмеди, ќе се видело дека се работи за исклучително искусен кандидат, но пехот се случил откако пред 4 години бил сменет Статутот во М-НАВ, па сега директорот морал да биде од редот на контролорите. Од причини што во „Владата немало ниеден контролор на летање, вториот избор го направиле во консултација со стручната фела“. Тој смета дека во М-НАВ владеела „кавгаџиска атмосфера, како по дома“, а институцијата се претворила во семејна фирма, каде се вработувале лица до трето колено. Повикувајќи се на законските прописи, Ковачевски негираше и дека со вонредната контрола врз работењето на синдикалните организации на М-НАВ, се врши притисок врз нив. Премиерот рече дека не знае чиј внук е Хекуран Асани, односно дали е семејно поврзан со претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Немаше комична ситуација, напротив расправата целосно професионално се одвиваше, а не како што некаде прочитав дека сме решиле за 30 минути. Имаше повеќе кандидати и не беа само двајца и нивните биографии беа разгледувани од владиниот кабинет. Консултиран беше и Статутот на М-НАВ и откако беа издвоени двајцата кандидати (Мехмеди и Кораќ), се покажа дека согласно Статутот, директорите мора да бидат контролори на летање. Кандидатот кој потоа го избравме (Асани) беше оценет од сите како квалитетен, бидејќи има 24-годишно искуство.
Истото се однесува и за вториот номиниран (Кораќ) кој е со 25-годишно искуство во областа. Така што донесовме добра одлука, а како што бевте информирани, предложивме уште две други одлуки. Освен што препорачавме Агенцијата за цивилно воздухопловство (АЦВ) да продолжи со вонредните контроли, го задолживме и Инспекторатот за труд да го провери работењето на синдикалните организации во М-НАВ – објасни Ковачевски, прашан дали воопшто ги погледнале биографиите на предложените кандидати за нови директори на М-НАВ.