Македонската ракометна репрезентација вечерва од 20:30 часот во Пореч ќе го одигра првиот контролен натпревар против Хрватска, во рамки на подготовките за Европско првенство 2026. Избраниците на селекторот Кирил Лазаров веќе трет ден се наоѓаат во Хрватска, каде што го одработуваат вториот дел од подготовките.
Според првичниот договор со домаќинот, ќе биде одигран еден контролен натпревар, по што националниот тим ќе остане уште два дена во Пореч и ќе продолжи со тренажниот процес. Во моментов, на подготовките во Хрватска се наоѓаат 20 ракометари.
По кратката пауза за новогодишните празници, македонската репрезентација ќе ги продолжи подготовките во Скопје, кога тимот ќе биде комплетиран со приклучувањето на голманот Мартин Томовски, кој во моментов има клупски обврски во Бундес лига.
До почетокот на шампионатот, македонските ракометари ќе настапат и на турнир во Швајцарија, каде ќе одиграат три натпревари против домаќинот, Бахреин и Украина. На Европското првенство, Македонија ќе игра во група со Данска, Португалија и Романија.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












