Македонската ракометна репрезентација ги започна подготовките за Европското првенство кое ќе се одржи во јануари. Селекторот Кирил Лазаров потенцира дека „црвено-жолтите“ се соочуваат со сериозен предизвик во групата со светскиот и олимписки шампион Данска, Португалија и Романија.
На денешната прозивка Лазаров истакна дека континуитетот на настапи на големите натпревари е важен за македонскиот спорт и навивачите, посочувајќи дека Европското првенство е едно од најсилните натпревари на стариот континент.
„Континуитетот го имаме, пак сме на едно големо натпреварување, тоа е Европското првенство, што е нормално за македонскиот спорт и навивачите. Таму се најдобрите репрезентации во Европа и можам да кажам дека ЕП е дури и поквалитетно од СП“, изјави селекторот.
Лазаров оцени дека ждрепката била очекувана и дека Македонија мора да се фокусира на сопствената подготовка. „Групата е таква каква што е. Кога си во трет шешир, прашање беше само дали ќе ја добиеме Данска, Франција или Германија. Го имаме светскиот и олимписки шампион, од вториот шешир Португалија која на последното првенство играше полуфинале, а третиот ривал е Романија“, додаде Лазаров.
Селекцијата ќе биде слична на онаа од Светското првенство, со отсуство на Милан Лазаревски поради недоволна натпреварувачка форма. „Составот е според стандардните, ќе ни фали Милан Лазаревски кој сè уште не е долечен и нема натпревар оваа сезона, па шанса добија други играчи“, рече селекторот.
Во однос на очекувањата, Лазаров повика на умереност и реален пристап. „Наше е да го дадеме најдоброто од нас. Не е коректно да даваме преоптимистички изјави, туку да ветиме дека ќе го дадеме максимумот, па ќе видиме за што ќе биде доволно“, истакна тој.
Лазаров нагласи дека Македонија е во процес на постепена смена на генерации. „Полека ја променивме селекцијата, голем дел од играчите се истите од Светското првенство, поискусни за една година. Имаме време и мора да бидеме умерени оптимисти“, додаде тој, нагласувајќи дека Романија нема да биде потценета. „Имаме максимален респект, се работи за селекција со традиција и заслужува почит“, заклучи Лазаров.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












