МАКЕДОНИЈАМицевски го обвини Џафери дека од Собранието прави театарОбјавено пред 2 часа – 15 април, 2021Од Кристијан Ландов
На уште непочната седница, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски и собранискиот спикер, Талат Џафери се скараа поради доцнењето на седницата, но и поради тоа што и натаму трае 32. седница наместо да започне 36. седница за да се изгласаат економските мерки.
Мицевски го обвини Џафери дека од Собранието прави театар, а претседателот пак врати дека четири години се бори за институтот пратеник. Опозицијата излезе од салата, а Собранието немаше кворум за да се изгласаат законите. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кажа дека тие ќе влезат кога на ред ќе дојде 36. седница, на која се и економските мерки.
„Вчера имавме координации и тие координации се за текот на седниците. Во спротивно зошто би доаѓал на координација ако тоа што го договараме не го пренесеме на пратениците? По ова што го направивте денеска, морам да ви кажам да престанете да правите театар од Собранието. Треба да престанете да ја девалвирате институцијата Собрание и пратениците во него. Треба барем еднаш да бидете на висината на задачата и да прекините да ги држите граѓаните, компаниите, пратениците како заложници поради ваша теснопартиска агенда. Ние сме тука, ве чекаме веќе саат и 20 минути од времето кога кажавте дека ќе продолжиме, доаѓа време по два часа и пауза да направиме. 32. седница ние ќе ја напуштиме, ќе чекаме да пред вратата на Собранието за да влеземе на 36. седница. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е цел ден во Собрание и чека да ја започнете седницата за економскиот пакет мерки. Прекинете ја 32. седница и дајте да ги изгласаме законите кои ги чекаат граѓаните, за да заврши театарот кој го правите“, рече Мицевски.
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и координаторот Мицевски по неговиот процедурален говор ја напуштија салата.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, им одговараше на тезите, но тие не го ислушаа.
„Јас вчера не можев да претпоставам кога ќе заврши седницата за да можам да се определам за продолжение на следната. Оваа слика може да ја гледа јавноста“, рече Џафери додека пратениците излегуваа од салата, а му реплицираше пратеничката Гордана Силјановска Давкова: „Не е за јавноста, два саати чекавме“, а тој ѝ врати: „Можете да одите како што тргнавте професорке, да си отидете, а јас за јавноста треба да образложам зошто се решив седницата да продолжи денеска“.
„Според списокот на присутност на седница на Собранието, денеска се имаат потпишани дека се присутни 101 пратеник и ќе ги читам по име и презиме кои се. Како што одат, како што не се тука, утре ќе бараат патни трошоци. Граѓаните треба да ценат дали тие се дојдени на седница или само за патни трошоци. Четири години сум веќе претседател на Собранието, четири години се борам за статусот на институтот пратеник и за дигнитетот на Собранието како законодавен дом“, рече Џафери.
Кога Џафери почна да чита кои пратеници се потпишани како присутни, а не се во салата, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ влегоа за да се пријават.