Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во гостување во подкастот „Проверитас“ изјави дека кампањата на неговата партија е „многу зрела, точна и достоинствена“, нагласувајќи дека се заснова на конкретни предлози, проекти и стратегија за развој на општините.
„Кампањата на ВМРО-ДПМНЕ е многу зрела, точна, достоинствена кампања која изобилува со предлози, проекти и визија. Не го велам ова субјективно – можеби некои граѓани нема да се согласат со мене, и тоа е природно, но овие атрибути се јасно видливи во изгледот, содржината и пораките кои ги испраќаме,“ рече Мицкоски, додавајќи дека на митинзите и собирите граѓаните внимателно слушаат и покажуваат интерес за идеите на партијата.
Мицкоски остро ја критикуваше кампањата на СДСМ и претседателот Венко Филипче, велејќи дека нивните настапи се насочени исклучиво кон лични напади и црна пропаганда.
„СДСМ има дифузна кампања без суштина. Единственото што го прават се ad hominem напади и навреди, уште од првиот ден. Немаат ниеден конкретен проект или решение за проблемите на граѓаните,“ изјави тој, додавајќи дека некои портали блиски до СДСМ објавуваат навредливи коментари и содржини насочени против него.
Мицкоски посочи и на, како што рече, „непримерниот речник“ на лидерот на СДСМ, додавајќи дека очекувал аргументска политичка дебата, но наместо тоа добил лични навреди:
„Мислев дека ќе ги вкрстиме аргументите и проектите, но очигледно нивната намера е поинаква,“ рече тој.
Во продолжение, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ ја коментираше и кампањата на ДУИ, обвинувајќи ја партијата за промовирање на „етничка поларизација и поделби меѓу граѓаните“.
„ДУИ јасно го отцрта делот кој го смета за свој интерес, без проекти и конкретна испорака. Наместо тоа, се користи реторика која дели на ‘наши’ и ‘ваши’, што е неприфатливо и застарено,“ истакна Мицкоски.
Во однос на Левица, тој рече дека оваа партија „најмногу одработува за ДУИ“ и дека делува како „прокси играч“ во одредени општини.
„Цело време се занимаваат со ВМРО-ДПМНЕ, со мене и со уште неколку министри, користејќи навреди и провокации,“ додаде Мицкоски.