Освен пуштање во употреба на патот Кичево-Охрид за две години отсега, кој инаку е во изградба од 2014 година, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вети и дека по доаѓањето на власт на неговата партија, до крајот на 2024 година се заврши и автопатот Скопје-Блаце, а во употреба ќе се пуштат и неколку други експресни патишта.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека кога неговата партија ќе дојде на власт по изборите в мај, автопатот Кичево-Охрид ќе биде завршен и пуштен во употреба за две години отсега, односно кон втората половина или кон крајот на 2026 година.
Ова ветување, како што рече Мицкоски, ќе биде дел од изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата.
„Сега сме втора половина на февруари, а од автопатот нема ниту ‘А’. И е невозможно да има крај на тој проект во јануари 2024 година. Зошто? Затоа што во овој момент кога ќе направите детална анализа и пресек до каде се градежните активности ќе заклучите дека тој е некаде 70-ина проценти завршен од тоа што треба да биде 100 проценти. Значи, остануваат отприлика 30-ина проценти. Анализирајќи ја состојбата во која денеска се наоѓа оваа делница истовремено имајќи јасен приказ со што располагаме како градежен капацитет можеме да излеземе со ветување коешто ќе биде дел од програмата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата дека целосната делница ќе биде завршена и пуштена во употреба втората половина или би рекол крајот на 2026 година“,
изјави Мицкоски на денешната дебата „Инфраструктурна платформа за иднина“ на тема „Концепт за инвестиции во инфраструктурата“.
Освен пуштање во употреба на патот Кичево-Охрид, кој инаку е во изградба од 2014 година, Мицкоски вети и дека по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ, до крајот на 2024 година се заврши и патот од Блаце кон Скопје, а во употреба ќе се пуштат и неколку други експресни патишта.
„Експресниот пат од Градско преку Росоман завршува до Прилеп, тоа е во три фази. Третата не е почната, но првите две фази гледате дека се градат со години. Ние како ВМРО-ДПМНЕ со правилен менаџмент, теренски и со јасен план овој проект планираме во 2026 година да го завршиме и на тој начин Градско, Росоман до Прилеп ќе биде поврзана делницата со што ќе биде зголемена безбедноста“,
рече Мицкоски.
Додаде дека во првата година од мандатот на идната влада која би била предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде завршен и експресниот пат од Ранковце кон Крива Паланка како и поврзувањето со експресен пат на Струмица и граничниот премин „Ново Село“, и истовремено автопатската делница од Велес преку Чашка до Прилеп