Долга колона на граѓани и денеска чекаше да дојде на ред за промена на личните документи во пунктот без закажување на термини во полициската станица „Пролет“ во Скопје. Ладно е, ама па среќа не врне оти и при дожд граѓани претходните денови чекаа за да го исполнат ултиматумот на власта – сите во личните документи да го имаат зборот – „Северна“.
Алтернатива на ова е да се закаже термин преку телефон на другите пунктови на МВР, ама ако се јавиш ќе ти закажат за во септември. А Власта инсистира да се „северосаме“ до февруари.
И така, апсурдот кој настана не по вина на граѓаните, го плаќаат токму тие.
Ладното време, загаден воздух, исцрпувачко стоење… само се дел од околностите на коишто се изложени луѓето. Тоа е скапа цена која ја плаќаат доколку сакаат да си обезбедат нови документи со оглед на најавата – заканата дека од 12-ти февруари документите со името „Република Македонија“ веќе нема да важат.
Зошто не се одложи ултимативниот датум барем за една година? Прашуваат, но и бараат граѓаните.
-Ова е понижување кое ни го прават. Двојно. Еднаш на сила го сменија името, сега да стоиме на мразот и да си го впишеме во документите. Власта станува немилосрдна, се дел од коментарите на луѓето.
Но, од друга страна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски токму денеска изјави дека се ќе заврши на најдобар можен начин.
-Во внатрешноста во земјава процесот на замена на лични документи е сосема при крај. Во пунктот за вадење лични документи без закажување во ПС Пролет досега биле опслужени 40.000 граѓани, коишто дошле оставиле барања за лични документи. Сметам дека интензивната работа сега, до крајот на годината, целиот месец јануари итн. ќе се заврши целиот овој процес на најдобар можен начин, рече Спасовски.
Што за министерот е најдобар можен начин не се откри. Дали тој чекаше на ред за да смени лични документи?
Прашање е и: дали сите граѓани ќе успеат да завршат со промената со оглед на тоа што во октомври бројката на оние коишто ги смениле личните документи изнесувала околу милион. Тоа значи дека се уште има голем број на оние кои тоа допрва треба да го сторат.
МВР, сепак, треба да го продолжу февруарскиот рок за менување на документите. На тој начин, долгите редици ќе се намалат и граѓаните на достоинствен начин ќе успеат да ги сменат личните документи чијашто промена тие и не ја барале.
Текстот е превземен од skopskoeho.mk