Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин во Будимпешта, откако денеска ќе го прими украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, јавува Асошиејтед прес.
„Верувам дека денешниот телефонски разговор со Путин донесе значаен напредок“, напиша Трамп на социјалните мрежи непосредно по разговорот. Средбата со Путин треба да се одржи за околу две недели, но точниот датум не е објавен.
Претходната средба меѓу двајцата лидери се одржа во август на Алјаска, но не донесе дипломатски пробив што претставуваше разочарување за Трамп, кој очекуваше дека неговата долготрајна врска со Путин ќе помогне да се стави крај на речиси четиригодишниот конфликт во Украина.
Според советникот на Путин, Јуриј Ушаков, разговорот бил „отворен и доверлив“, а рускиот претседател предупредил дека продажбата на американски Томахавк ракети на Украина би можела „значително да ги наруши односите меѓу Москва и Вашингтон“.
Денешнатта средба со Зеленски ќе биде нивна четврта годинава, откако односите меѓу двајцата лидери се подобрија по првичните тензии. Зеленски бара од САД ракети со подолг дострел, вклучувајќи и Томахавк, со цел да изврши притисок врз Русија и да ја засили позицијата на Украина во евентуални директни преговори.
Иако Трамп претходно изјави дека „имаме многу Томахавки“, во четвртокот рече дека „нашите резерви се ограничени и можеби нема да можеме да ги поделиме“. Тој предупреди: „Не смееме да ги исцрпиме заради потребите на сопствената земја“.
Експертите сметаат дека дури и ако САД одлучат да ѝ продадат Томахавк ракети на Украина, ќе бидат потребни години за обука и логистичка поддршка за нивна реална употреба.
Во Сенатот на САД е подготвено законско решение што предвидува високи царини за земји кои купуваат руска нафта, гас, ураниум и други извозни производи како обид да се ослаби руската економија. Иако Трамп формално не го поддржал законот, Белата куќа покажала зголемен интерес, а сенаторите Линдзи Греем и Ричард Блументал најавуваат изменета верзија во наредните денови.