Ноќта меѓу 31 декември и 1 јануари, во Старата чаршија во Скопје, со нож е убиен државјанин на Турција, а уште едно лице е тешко повредено, соопшти полицијата.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на 1 јануари 2026 година, во 1:11 часот, во СВР Скопје било пријавено нарушување на јавниот ред и мир пред угостителски објект во Старата чаршија, при што дошло до физичка пресметка. Две лица се здобиле со повреди од остар предмет, а полициските екипи веднаш излегле на терен.
На местото биле затекнати А.М.Д. (22) од Турција, кај кого лекар од Итната медицинска помош во 1:30 часот констатирал смрт, како и Ч.Е. (23), исто така државјанин на Турција, кој со тешки повреди бил пренесен во Клинички центар Мајка Тереза. За случајот бил известен јавен обвинител и е започната истрага.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, изјави дека новогодишната ноќ во земјава поминала главно мирно, но биле евидентирани два сериозни инциденти – убиството во Старата чаршија и тешко повредување на двегодишно дете, кое се наоѓа во животозагрозувачка состојба.
Во врска со убиството, министерот посочи дека постои осомничено лице кое моментално е во бегство, како и дека во настанот учествувале повеќе лица. Според досегашните информации, сите инволвирани се странски државјани. Детали не беа соопштени поради интересот на истрагата.
За повреденото дете, Тошковски наведе дека се работи за повреда во пределот на главата, предизвикана од метален фрагмент, чиј точен извор сè уште се утврдува. Како што рече, постојат повеќе теории за настанот и јавноста ќе биде информирана откако ќе се утврдат сите околности.
Директорот на ТОАРИЛУЦ, д-р Игор Мерџановски, соопшти дека во текот на ноќта било примено двегодишно дете со непознати лични податоци, со тешка повреда на главата, за која постои сомнеж дека е предизвикана од огнено оружје.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












