Само триесетина дена до почетокот на изборната кампања за првиот круг на претседателските избори на 4 април, односно, педесетина до денот на гласањето, а тука некаде се и парламентарните избори, е период во кој власта сака набрзинка да носи одлука за гасната централа која ќе ја даде на странци. Нормално ли е на самиот крај од мандатот да правиш зделки тешки стотици милиони евра?
Власта за жал покажува дека нема намера да се премисли во намерата. На дневниот ред на 145 собраниска седница, започната на 29 февруари, е ставен пакетот на четирите стратешки инвестиции во областа на енергетиката, меѓу кои и оној за гасната централа и кој чека на брзо усвојување оти парламентарното мнозинство реши се да оди по забрзана постапка.
Прашање на денот е, значи, кога седницата ќе продолжи за да се пристапи кон изгласувањето кое, како што неофицијално се дознава, е закочено само заради внатрекоалициските пазари меѓу СДСМ и ДУИ. Односно, се бара начин и договор како да се изгласа и законот за игри на среќа којшто го форсираат „интегративците“ за да се добие и нивната виза за централата на „Митиленос“.
Намерата на власта мора да се стопира. Ова се некои од причините:
Прво, Веќе е предизборен период и сега не е време кога треба да се носат закони кои предвидуваат големи финанскиски обврски за државата.
Второ, веќе е јасно дека вака замислениот проект за гасната централа е крајно неповолен за Македонија. Енергетските експерти упорно укажуваат дека реалната пазарна цена на гасната електрана на „Митилинеос“ чини околу 180-190 милиони евра, а не чини 290 колку што е наведено во законскиот предлог. Со тоа државната помош не треба да изнесува 50 туку само нешто над 30 милиони евра. Експертите опоменуваа и дека најважно е тоа што за таква централа воопшто не смее да се дава државна помош оти ќе постои обврска Македонија од неа да купува поскапа електрична енергија од берзанските цени, што грчката фирма ќе има загарантирани за 10 пати повисоки маржи и со што годишно ќе печали и повеќе од 40 милиони евра за струја, и повеќе од 4 милиони евра за купување на топлинската енергија, што Македонија годишно ќе мора да плаќа по 25 милиони евра за емисија на ЦО2… Излегоа и информации дека Македонија ќе била гарант за кредитот кој ќе го зеле странците.
Има и други причини за стопирање на владината замисла, но и овие се доволни.
Сето ова бара време за да се расчисти како дилема. А прв и основен услов е изгласувањето на предлозите во македонскиот парламент да се тргне од дневниот ред. Подоцна, по сите потребни анализи, ќе се види дали воопшто и ќе треба да се вратат во Собранието. Впрочем, може ќе им текне дека Македонија може сама да си ја направи централата.
Целиот текст можете да го прочитате на skopskoeho.mk