Чеченскиот лидер и близок сојузник на Кремљ, Рамзан Кадиров, бил итно пренесен во болница во Москва ноќта меѓу 24 и 25 декември, по нагло влошување на неговата здравствена состојба. Според информациите, Кадиров пристигнал во руската престолнина за да присуствува на седница на Државниот совет, со која претседавал Владимир Путин, но на состанокот не се појавил.
Како што објави Украинска правда, повикувајќи се на извори на Новаја газета Европа, Кадиров со амбулантно возило бил префрлен во Централната клиничка болница при претседателската администрација на Руската Федерација. Седницата на Државниот совет, според истите извори, поминала без присуство на претставник од Чеченија.
Изворите наведуваат дека лекарските екипи во Москва имале сериозна интервенција за стабилизирање на неговата состојба, по што Кадиров наводно се вратил во Чеченија и оттогаш не се појавил во јавноста.
Ова не е првпат годинава да се појават информации за здравствени проблеми на чеченскиот лидер. Претходно во текот на 2025 година, тој беше хоспитализиран во приватна клиника во Грозни, а според наводите, неговата здравствена состојба оттогаш покажувала знаци на влошување.
Самиот Кадиров во минатото јавно говореше за „нервни сломови“ и постојано чувство на напнатост, што ги поврзуваше со грижите околу учеството на чеченските борци во војната против Украина.
Истражувањата на „Новаја газета Европа“ претходно укажаа на сериозно нарушување на здравјето на Кадиров, што, според нив, веќе поттикнало процеси поврзани со можна промена на власта во Чеченија. Потсетување дека уште во мај, Кадиров јавно изјави дека побарал да биде разрешен од функцијата.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












