Во Судницата во Идризово денеска продолжува судењето за смртоносниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, меѓу нив и деца, а повеќе од 200 беа повредени. Денешното рочиште е предвидено да продолжи со произнесување за вината и со воведните зборови на одбраната.
На претходното рочиште, Судот ги прифати приговорите на дел од бранителите дека обвинението заедно со листата на докази не било уредно доставено до обвинетите. Судот тогаш извести дека документите ќе им бидат доставени, а наредната расправа беше одложена за обвинетите да имаат доволно време да се запознаат со материјалите.
Со цел да не дојде до одолговлекување на постапката, Судот донесе одлука главната расправа да продолжи со изјаснување во однос на оштетните побарувања и барањата за кривичен прогон од присутните оштетени и нивните законски застапници. Застапниците на оштетените пред Судот изјавија дека се приклучуваат кон кривичниот прогон и дека надоместот на штета ќе го бараат во граѓанска постапка.
Рочиштето се одвива под засилени безбедносни мерки. Во судницата, покрај обвинетите, присутни се роднини на загинатите, претставници на обвинителството и одбраната, како и домашни и странски новинари.
Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска, а обвинителството е застапено од тим од 15 јавни обвинители.












