Европски држави разгледуваат план за испраќање меѓу 10.000 и 15.000 војници во Украина во првите шест месеци по евентуален прекин на огнот, објавува германскиот весник Ди Велт. Според наводите, распоредувањето би имало цел да го надгледува почитувањето на договорениот прекин на огнот меѓу Русија и Украина.
Дипломатски извори од Брисел посочуваат дека концептите за безбедносни гаранции веќе се изработени, при што клучна улога имале воени експерти од Обединетото Кралство и Франција, во координација со европските институции. Двете земји, според истите извори, се подготвени да учествуваат со копнени сили во надгледување на прекинот на огнот и без формален мандат од Обединетите нации или Европската Унија, доколку тоа го побара украинската страна.
Воздушниот и поморскиот надзор би го презеле соседните држави, додека Турција би имала важна улога во контролата на просторот на Црното Море. Предвидената мисија има за цел да обезбеди стабилност и да ја гарантира примената на прекинот на огнот веднаш по евентуалниот крај на конфликтот.












