Поднесено ново обвинение против Рамиз Мерко, незаконски именувал директорка на училиште
Второ обвинение за струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за неполн месец.
Струшкото обвинителство бара да одговора бидејќи за в.д директор на основното училиште Мурат Лабуништи во селото Лабуништа назначил лице кое ниту било од редот на вработените во училиштето, ниту пак имала соодветно работно искуство.
-Обвинетиот, како службено лице – градоначалник на општината Струга, донел решение и за вршител на должноста именувал лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено во членот 118 од Законот за основно образование, и немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа предвидено во членот 109 од Законот.- ЈОРМ
Антикорупциската комисија и просветни инспектори уште лани алармираа дека во училиштата во Велешта, Подгорци, Лабуништа, Радолишта и во основното училиште Браќа Миладиновци во Струга биле поставени директори кои не ги исполнувале условите за да бидат избрани.
-Не ги исполнувала условите за наставник и не ги исполнувала условите за в.д директор. Постојат сомнежи дека е сторено кривично дело од страна на градоначалникот на О. Струга со нејзиниот избор за в.д директор. Се потпишала и како в.д директор и како наставник. – Шемши Салаи – Член на ДКСК
На почетокот на месецов Мерко доби и обвинение и за набавката на службеното ауди. Овој случај го работеше Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, а откако Кривичен суд во Скопје се прогласи за ненадлежен предметот е пратен во стршкиот основен суд. И двете обвиненија против Мерко следат откако неговото име се најде на црната листа на САД поради сомнежи за значителна корупција.