Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека постојат сериозни сомневања оти дел од одлуките донесени од поранешниот претседател Стево Пендаровски за време на ковид-пандемијата биле спротивни на Уставот и законите. Според него, тоа го отвора прашањето за институционална, но и кривична одговорност, поради што го повика Јавното обвинителство да постапува по допрен глас.
Мицкоски оцени дека во периодот на вонредната состојба имало сериозни злоупотреби, при што со уредби со сила на закон биле „натсинхронизирани“ Уставот и законите. Тој посочи дека постојат бројни сведоштва за начинот на кој тогаш функционирала власта и нагласи дека дел од тие уредби и одлуки на Пендаровски сè уште не се разгледани во Собранието.
„Тие одлуки сè уште не поминале собраниска процедура. Треба да се види што ќе каже Собранието и дали постои одговорност кај поранешниот претседател“, изјави Мицкоски.
Обвинувањата кон Пендаровски беа изнесени во контекст на тврдењата на премиерот дека поранешниот министер за здравство и актуелен лидер на СДСМ, Венко Филипче, заедно со поранешниот премиер Зоран Заев, вршеле притисок и уцена со цел преземање на сопствеништвото на приватната клиника на кардиохирургот Жан Митрев.
Мицкоски повторно го повика Јавното обвинителство да го истражи случајот, а идентично барање претходно упати и ВМРО-ДПМНЕ, откако Филипче најави тужби за клевета.
Од друга страна, Филипче на вонредна прес-конференција соопшти дека ќе поднесе тужба за клевета против, како што рече, „наредбодавачите и извршителот“, по, според него, засилените напади врз неговото име од страна на владејачката партија. Тој истакна дека обвинувањата поврзани со д-р Жан Митрев се последната капка и ги повика надлежните институции, како и самиот Митрев, сите сомнежи да ги решаваат преку институциите, а не преку медиумите.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












