Регионот мора итно да се интегрира во Европската Унија, заклучија денеска претседателката Гордана-Сиљановска Давкова и министерката за Европа и надворешни работи на Албанија, Елиса Спиропали, која престојува во официјална посета.
Сиљановска-Давкова го поздрави напредокот на Албанија во пристапниот процес и нагласи дека напредокот на секоја земја позитивно влијае врз регионалната евроинтеграциска динамика. Таа потсети дека, по 20 години кандидатски статус, македонскиот процес станува исцрпувачки маратон со постојано одложување на целта. Претседателката истакна дека Копенхагенските критериуми треба да бидат единствените услови за членство, додека билатералните прашања создаваат опасен преседан за блокирање на европскиот пат на земјите кандидатки.
Албанската министерка Спиропали ја искажа силната поддршка за евроинтеграциите на Македонија и истакна дека земјите од Западниот Балкан споделуваат идентични цели и вредности и треба заеднички да напредуваат кон Европската Унија.
Двете соговорнички се согласија дека регионалната соработка е клучна за стабилност, добрососедски односи, инфраструктурно поврзување и реформски процеси неопходни за членството во ЕУ. Во трилатералниот меморандум потпишан меѓу Македонија, Бугарија и Албанија е дефинирана временска рамка и динамика за активностите околу Коридорот 8.
Претставничките најавија воведување на систем со едно застанување „One Stop Shop“ на граничните премини меѓу земјите, што ќе овозможи брза заедничка контрола и ќе ја зајакне соработката. Тие исто така го нагласија значењето на економската соработка, продолжување на добрата соработка во НАТО и почитување на правата на малцинските заедници како дополнителна вредност за македонско-албанските односи.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












