1.Вистинска пресметка со дивоградбите и ревизија на спорни ДУП-ови
Скопје мора да започне неселективна борба против дивоградбите, вклучувајќи ги и големите објекти изградени без дозвола. Не е доволно да се срушат неколку помали објекти. Паралелно со ова неопходна е и ревизија на деталните урбанистички планови што овозможуваат прекумерна и хаотична градба. Само со јасни правила и нивна примена во 2026 година може да се врати довербата во урбаното планирање и градење.

2.Реално решение за јавниот превоз
Конечно треба да се почне со постудиозно средување на Јавниот превоз во Скопје. Нужно е функционално и изводливо решение, а не политичко. Бескрајните планови и експерименти оваа година треба да се слеат во еден план и тој да почне да се реализира. Потребен е систем што ќе биде брз, достапен и сигурен, за да ги намали гужвите и користењето на автомобили, а и загадувањето.

3.Системска борба против загадувањето на воздухот, со мерливи резултати
Оваа година треба да почнат посериозно да се спроведуваат долгорочните мерки за борба против загадувањето. Краткорочните не се доволни. Неопходно е редовно јавно објавување на податоци и ефектите од преземените активности. Без опипливо намалување на штетните честички, сите стратегии остануваат само декларативни.

4.Реконструкција на дотраената водоводна и канализациска мрежа, како и на улиците
Голем дел од водоводната и канализациската мрежа во Скопје е стара и нефункционална. Пречесто пукаат цевки и се губат големи количини на питка вода. Нужно е темелно да се тргне во обнова на инфраструктурата, а не да се реагира откако ќе има инцидент. Загубите на вода и честите дефекти претставуваат сериозен инфраструктурен проблем кој годинава треба да се решава. Исто така мора да се средат улиците кои изобилуваат со дупки.

5.Сериозен план за управување со отпадот и поголема чистота низ градот
Во 2026 година Скопје мора да го решава потемелно системот за селекција, рециклажа и безбедно отстранување на отпадот. Дивите депонии мора да бидат трајно затворени, а не периодично расчистувани. Потребна е и едукација на граѓаните, но и строги казни за непочитување на правилата. Чист град е основа за здраво живеење. Мора да се дигне и нивото на чистота низ градот.

6.Обнова на спортската инфраструктура, а и градба на Универзалната сала и Луна паркот
Многу од спортските терени, сали и рекреативни зони се запуштени или небезбедни. Нивната обнова е инвестиција во здравјето и социјалниот живот на граѓаните и треба да се направи. Треба конечно да се реши и градењето на Универзална сала, како и на Луна Паркот, тоа се два објекти кои предолго се ставени по страна.

7.Подобра контрола на сообраќајот и стоп за кражбите и разбојништвата
„Сејф сити” мора да почне да работи без застои и нејаснотии. Сообраќајната полиција и понатаму треба да биде на улиците заради многуте збеснати возачи. Во оваа година треба да започне и постудиозна институционална пресметка со крадците и насилниците. Има премногу уличен криминал. Воедно, треба да се решава и ноќната бучава и неконтролираниот угостителски бизнис сериозно го нарушуваат животот на жителите во центарот.

8.Дигитализација на градските услуги
Граѓаните очекуваат брзи, јасни и достапни услуги без редици ибирократија. Дигитализацијата може значително да ја зголеми ефикасноста и транспарентноста на градската администрација. Онлајн услугите треба да станат правило, а не исклучок. Ова е прашање на функционалност, а не луксуз.

9.Сеопфатна гасификација на градот
Гасификацијата е клучен чекор во намалувањето на загадувањето и зависноста од цврсти горива. Потребна е забрзана изградба на гасоводната мрежа и стимулации за приклучување на домаќинствата. Ова директно ќе влијае на квалитетот на воздухот во зимските месеци. Без гасификација, борбата со загадувањето останува половична.

10.Обнова и заштита на зелените површини
Зелените површини не смеат повеќе да бидат резерви за идни градби, туку заштитено јавно добро. Потребна е поголема обнова на паркови, дрвореди и зелени појаси, особено во густо населените населби. На Скопје во 2026 година му требаат повеќе дрвца и нови паркови односно повеќе зеленило.













