Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека новите средби за мировни преговори треба да се одржат во наредните денови, а не во текот на следните недели. Според него, разговорите треба да започнат што е можно побрзо во Киев.
Изјавата доаѓа по вчерашната средба со американскиот претседател Доналд Трамп, на која било разговарано за мировен план и за следните чекори во процесот.
Зеленски посочи дека по договор со Трамп, советниците од двете страни ќе пристигнат во Киев за интензивна работа. Тој нагласи дека динамиката мора да биде забрзана и дека нема простор за одолговлекување на процесот.
По средбите со американските претставници, како што најави, ќе следат разговори и со европските лидери, со цел сите партнери да бидат целосно информирани и вклучени во процесот.
Украинскиот претседател не ја исклучи можноста за нова средба со Трамп на ниво на лидери во Соединети Американски Држави, а изјави и дека е подготвен за директна средба со рускиот претседател Владимир Путин.
Тој истакна дека за Украина нема алтернатива на мирот и дека земјата никогаш не сакала војна. Според Зеленски, Русија треба да размисли за прекин на конфликтот и за напуштање на политиката на војување.
Говорејќи за можните преговори со Москва, Зеленски нагласи дека Украина е подготвена да разговара во секој формат, но додаде дека е неопходно зборовите и постапките на руското раководство да се совпаднат.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












