Кошаркарските екипи на МЗТ Скопје Аеродром и Пелистер забележаа победи во денешните натпревари од 19. коло во МТел Супер лигата.
Актуелниот шампион МЗТ Скопје Аеродром го совлада Тиквеш со 88:85, но до победата дојде потешко од очекуваното. Првиот и последниот период завршија нерешено, додека домашниот тим беше подобар во вториот дел со два поена разлика и во третиот со еден поен.
Најефикасен кај победничкиот тим беше Мек Смит-Меквен со 18 поени, додека кај Тиквеш ист број поени постигнаа Парсонс и Хоукинс.
Во Битола, Пелистер го победи Гостивар со 93:88. Домашниот тим на полувремето имаше убедливо водство од 55:39, а гостите до крајот на натпреварот успеаја само да ја намалат разликата.
Најефикасен на натпреварот беше Кевин Дејвис од Пелистер со 26 поени.
Последниот натпревар од 19. коло, меѓу МКК Куманово и ТФТ, ќе се одигра во петок поради настапот на скопската екипа во АБА 2 лигата.
По ова коло, на табелата води МЗТ Скопје Аеродром со 36 бодови, пред ТФТ со 34 и Пелистер со 33. Следуваат Маџари и Кожув со по 29 бодови, Чаир со 28, МКК Куманово и Тиквеш со по 27, Работнички и Феникс со по 26, Гостивар со 23 и Ангели со 20 бодови.












