Локалните избори беа сосема во ред, како што треба да бидат по 30 години. Ме изненади малиот број кандидатки, очекував дека ќе има повеќе жени, оцени вечерва претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
Во гостувањето на емисијата „360 степени“ на МРТ, Силјановска-Давкова порача дека треба да се размисли за ограничување на мандатот на градоначалниците на две години. Во спротивно, како што објасни, има опасност од партизација поради силните ингеренции, дури и од рефеудализација, посебно во малите средини.
– Ако има граница во парламентарните системи, кај претседателите со церемонијални функции, тогаш кај нас системот на локална самоуправа се квалификува како квази претседателски, со многу силни ингеренции на градоначалниците. Оттука, нешто што е невообичаено, министри, пратеници, се одлучуваат да конкурираат за градоначалничка функција – истакна Силјановска-Давкова.
Дополнителен проблем, според неа, е отсуството на друга извршна власт, покрај градоначалникот, во смисла на локална влада, во форма на извршен одбор, извршен совет или повеќе извршни тела. Тоа, истакна претседателката, претставува силна концентрација на моќ.
– Повеќе од дваесет години ние имаме исти градоначалници. Тоа некаде се нарекува републикански монархизам – укажа Силјановска-Давкова.
			
		    
                                




