Претседателката и врховен командант на Армијата Гордана Сиљановска-Давкова, заедно со министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денеска во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, преку видеоконференциска врска, им ги честитаа претстојните празници на припадниците на Армијата ангажирани во мировни мисии и операции во странство.
Во обраќањето, претседателката истакна дека светот денес повеќе од кога било има потреба од мир, нагласувајќи дека улогата и придонесот на македонските мировници се исклучително значајни и препознаени. Таа посочи дека припадниците на Армијата се рамноправно третирани насекаде каде што учествуваат во мировни мисии и упати желби за добро здравје, успешна работа и помалку потреба од чести заминувања во зони на ангажман.
Министерот за одбрана, оценувајќи ја средбата како особено значајна, им изрази благодарност на мировниците за нивната служба во име на мирот, безбедноста и стабилноста, а до нивните семејства упати порака на поддршка, трпеливост и гордост. Тој нагласи дека Министерството за одбрана и Армијата остануваат цврсто посветени на суштинска и континуирана поддршка на мировниците и нивните најблиски.
Началникот на Генералштабот истакна дека македонските мировници професионално и посветено ги извршуваат сите доверени задачи и изрази благодарност за поддршката од претседателката и министерот за одбрана. Притоа нагласи дека Армијата претставува големо и сплотено семејство и дека грижата за припадниците и нивните семејства е постојан приоритет.
Припадниците на Армијата ангажирани во мисиите на НАТО во Косово (КФОР), ЕУ операцијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина, мисијата на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ), како и во НАТО активностите „Forward Land Forces – FLF“ во Бугарија, Романија и Летонија и националниот претставник во Германија, ја истакнаа својата висока мотивираност и подготвеност достоинствено да ја претставуваат државата.
Во рамки на настанот, претседателката, министерот и началникот на Генералштабот им поделија новогодишни пакетчиња на децата на мировниците, а активноста беше заокружена со традиционалната посета на армискиот Дедо Мраз, кој пристигна со хеликоптер Ми-8/17, внесувајќи празнична атмосфера и радост кај најмладите.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












