Една ноќ во 2023 година, Ерик прелистувал канал на социјалните мрежи што често го користел, кога одеднаш сфатил дека гледа видео од себе и својата девојка, снимени без нивно знаење. Неколку недели претходно престојувале во хотел во Шенжен, во јужна Кина, несвесни дека во нивната соба била поставена скриена камера. Снимката подоцна била објавена на Телеграм и станала достапна за илјадници корисници.
Овој случај го отвора прашањето за таканаречената „шпионска порнографија“, нелегална практика која во Кина постои со години. Иако производството и дистрибуцијата на вакви снимки е забрането, содржините продолжуваат да се појавуваат на интернет-платформи и приватни канали.
Во последните години темата станува сè поактуелна на социјалните мрежи, каде што луѓето, особено жените, споделуваат совети како да се откријат скриени камери во хотелски соби. Некои патници дури користат импровизирани прегради за поголема приватност. Во 2024 година кинеските власти воведоа нови правила што ги обврзуваат хотелите редовно да проверуваат за вакви уреди, но проблемот и понатаму не е искоренет.
Истражување на Би-Би-Си открило илјадници тајно снимени видеа од хотелски соби кои се продаваат на различни веб-страници и се рекламираат преку Телеграм. Во период од 18 месеци, новинарите идентификувале повеќе платформи што тврдат дека управуваат со десетици скриени камери, од кои дел емитуваат и пренос во живо.
Една од страниците што била следена неколку месеци прикажувала снимки од десетици различни камери, што значи дека многу гости можеби биле снимани без да знаат. Во текот на истрагата, новинарите успеале да лоцираат камера скриена во хотелска соба во Џенгжу, поставена така што го снима креветот. Откако била отстранета, администраторите на платформата набрзо активирале нова камера на друга локација.
Истражувањето покажало дека зад продажбата на вакви видеа стојат посредници и организирани групи кои поставуваат камери и управуваат со платформите. Невладини организации што им помагаат на жртвите велат дека бројот на пријави расте, додека отстранувањето на содржините од интернет останува тешко.
Телеграм соопшти дека забранува споделување интимни материјали без согласност и дека секојдневно отстранува штетна содржина. По пријавите на Би-Би-Си, некои профили биле избришани, но дел од страниците продолжиле да функционираат.
Ерик и неговата девојка сè уште се соочуваат со последиците од случката. Тие избегнуваат престој во хотели и стравуваат дека снимката повторно може да се појави на интернет.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












