46-годишен жител на Кавадарци е осуден на една година затвор откако призна дека со автомобил удрил полицаец во обид да избегне легитимирање.
Инцидентот, кој ја вознемири јавноста, доби брза судска разрешница. Основното јавно обвинителство поднесе обвинение, а Основниот суд во Кавадарци донесе пресуда за помалку од една недела.
Настанот се случил на 21 декември, по полноќ, кога обвинетиот управувал автомобил „Фолксваген“ и одбил да застане на полициски знак. По кратка потера, полицијата успеала да го опколи со две службени возила на една од градските крстосници.
Наместо да застане, возачот додал гас и тргнал директно кон полицаец кој излегол од возилото за да го легитимира. Полицаецот бил удрен во пределот на стомакот и левата нога и се здобил со телесни повреди. Во инцидентот било оштетено и полициско возило, по што напаѓачот побегнал од местото.
Осомничениот бил лишен од слобода четири дена подоцна, на 25 декември, а веќе следниот ден бил изведен пред суд. Таму го признал кривичното дело „Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“.
Судот го прогласи за виновен и му изрече казна затвор од една година.
МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА:












